За авторот
Јордан Ѓорчев

Јордан Ѓорчев е роден на 20.09.1963 година во Свети Николе каде завршува основно и средно образование – гимназија. Во основно и средно образование ги црта своите први карикатури и кратки стрипови и ги пишува своите први песни кои се објавуваат во локалниот весник. Како средношколец има и самостојна изложба на карикатури. Во Скопје завршува правен факлутет, и во студенските денови црта карикатури и илустрации за повеќе дневници во Македонија. Во тоа време има освоено и повеќе републички награди за карикатура и литература.

По завршувањето на факултетот се вработува во локалната самоуправа на општина Свети Николе. Магистрира на тема од областа социјална психологија во Русија и општествени и политички односи во Бугарија, а докторира на Тамбовскиот државен универзитет „Г. Р. Державин“ на тема од областа на економските теории. Од 2000-2005 година работи како градоначалник на општина Свети Николе. Во 2005 ја основа приватната високообразовна установа – Меѓународен Славјански Универзитет „Г. Р. Державин” – Свети Николе. Денес работи како директор на Управен Одбор на МСУ.

Во слободно време се занимава со сликарство, карикатура и пишува поезија и проза. Има издадено збирка карикатури во 2007 година насловена „Мојот пат”, а неговите карикатури „Бизнис Борис“ редовно излегуваа во македонските весници. Има напишано и збирки поезија кои се објавени на македонски и руски јазик – „Еден, една, едно“, „Чекори еден ден осамен“ и „Здивот на волшебното огледало“. Има напишано збирка раскази „По 3000-та” кои беа објавувани во повеќе македонски весници. Во 2020 година го објавува илустрираното кратко дело „Принцот што личеше на малиот принц“ и тријазичината збирка на карикатури „На мој начин 2“. Автор е и на повеќе стручни книги од областа на економијата.

Карикатурите и другите дела ги објавува на неговата Фејсбук страница која има повеќе од 66.000 следбеници од целиот свет, а најмногу од Индија, Кина, Русија и Република Северна Македонија.